ВМРО-ДПМНЕ му возврати на Османи: Кога нема пари и функции се криеш зад етничкото знаме - вашето време заврши

 

„Кога ДУИ не може да краде и кога конечно мора да одговара за криминалот, тогаш започнува врескањето: „нема правда за сите“, „загрозени се меѓуетничките односи“, „Албанците се на удар“.Ова е старата и одамна потрошена матрица на Ахмети, Османи и нивните луѓе, секогаш кога им се сече гранката на криминалот и корупцијата, кога повеќе нема тендери и рекет, тогаш наеднаш стануваат „заштитници на Албанците“ и „бранители на меѓуетничките односи“. Во превод: кога нема пари и функции, тогаш почнуваат да се кријат зад етничкото знаме“. Вака возвраќаат утрово од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на ставовите на кандидатот за градоначалник на ДУИ, Османи којшто претходно изјави како што кажа дека Мицкоски води политика со која сака да ги врати позициите на Албанците од пред Рамковниот договор. 

„Но вистината е јасна, 20 години ја цицаа државата, беа недопирливи и без одговорност.

Денес дел од нив бегаат, дел се кријат, а дел се тресат од страв од апсење, затоа што знаат што направиле.

И како и секогаш, прибегнуваат кон истата испробана тактика која ја практикуваат од своето постоење: ако сакаш да го заштитиш криминалот, стани националист и зборувај за национални теми, мислејќи дека ќе ја дефокусираат јавноста од злото кое му го направија на народот и на Македонија.

Граѓаните, и Македонци и Албанци, одамна ја препознаа оваа игра.

Албанците не се загрозени, загрозени се само милионските шеми и криминалните комбинации на ДУИ.

Албанците не губат ништо, напротив, добиваат можност конечно да живеат во држава каде што владее ред, правда и закон, каде што ќе се вреднува трудот, а не партиската книшка.

ДУИ днес се плаши дека е најден лек против нивното метастазирање во системот. Лекот е најден и сега следува терапијата.

Времето на двојни стандарди заврши

ДУИ мора да се соочи со одговорност, да се реформира и да покаже дека се променети, ако сакаат да докажат дека ја сфатиле пораката на граѓаните.

Албанците не се ваш штит кој ќе ве спаси од одговорност.

Албанците не се ваше алиби за криминал.

Албанците не се изговор за вашите тендери, провизии и лични богатства.

Албанците заслужуваат правда исто како и Македонците и секој друг граѓанин на оваа држава.

Сè што им останува на ДУИ денес е пактот со Заев и Филипче, кои ги држат во шах со нешто скриено во некоја фиока и мислат дека така ќе се вратат во игра. Но ќе се уверат дека нема да им успее.

Народот е мудар и нема да дозволи враќање назад.

Народот веќе им ја затвори вратата, а правдата ќе им почука на истата таа врата, за секој криминал, за секоја злоупотреба, за секој потег со кој Македонија беше ограбена и осиромашена.

Вашето време заврши“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

24.08.2025 - 11:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега