Во ЕУ нема влез како до сега: Ова се новите правила доколку сакате да патувате
Наскоро ни доаѓаат нови правила при патување во ЕУ. Истите стапуваат на сила на 12 октомври 2025 година, а од Министерството за внатрешни работи најавува дека граѓаните ќе бидат навремено информирани.
Патниците ќе пополнуваат онлајн апликации, важни две години, а целта е да се избегнат застои на патните премини.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, посочи дека МВР е во постојана комуникација со европските партнери и се разговара на дневна основа со цел да биде олеснато и подостапно за македонските граѓани.
„Најголем проблем можат да бидат патните премини кај нашите соседи кои се дел од ЕУ. Затоа наша обврска е целосно да ги информираме граѓаните за тоа какви апликации треба да поднесат. Апликацијата ќе биде онлајн, ќе одзема кратко време и ќе има важност од две години. Кога ќе ги добиеме официјалните информации од ЕУ, тие ќе бидат споделени со граѓаните. Регулативата е на ЕУ и ние сме должни да ја почитуваме“, рече Јанев.
Според последните информации, системот за влез/излез (EES) ќе започне да се применува на 12 октомври 2025 година. Постепено, во период од шест месеци, системот ќе го имплементираат 29 европски земји – 25-те членки на ЕУ дел од Шенген зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Целосната примена на системот ќе започне од 10 април 2026 година, од кога електронски ќе се пресметуваат деновите на престој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа