Таравари: Албанците се маргинализирани - одам во опозиција

 

 

Таравари одлучи дека заминува во опозиција. По вчерашната средба се пожали дека Албанците биле маргинализирани во институциите, балансерот бил укинат а немало ниту напредок на патот до ЕУ.

“Алијансата за Албанците едногласно одлучи да оди во опозиција. Беше состанок на претседателите на ограноците, на многу функционери на Алијансата за Албанците, на којашто констатиравме дека минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после дваесет години.

И затоа сме многу горди. меѓутоа, промените што ги ветивме, за жал не ги испорачавме. И тоа секојдневно граѓаните не критикуваат. Затоа ние одлучивме да се вратиме кај граѓанинот.

да побараме од нив доверба во октомври за локалните избори. Кога со ВЛЕН се обидувавме околу шест недели, иако имаме сопствени советнички листи, да изнајдеме начин за меѓусебна поддршка за кандидатите за градоначалници.

Меѓутоа, не успеавме во тоа и денеска констатираме дека доколку има недоверба во тие што се членови на владата, доколку има конспирации и секакви сомнежи, немаме што да бараме таму.

Едноставно подобро да бидеме надвор, да се вратиме кај граѓанинот, да го слушнеме нивниот глас. Инаку, да бидам искрен, има огромно незадоволство од сите граѓани, меѓутоа посебно од Албанците, за тоа како владее ВЛЕН во оваа влада“ – рече вчера Таравари.

Се очекува тој да биде разрешен на една од наредните седници на Владата. Кој ќе го наследи во моментов не се знае. Извори на Press24 од Владата велат дека се уште не била отворена оваа тема.

Таравари остана во Владата околу 1 година.

 

13.05.2025 - 09:40

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега