Стефковски: Стапува на сила мораториум на градби во Автокоманда
На вчерашната седница на Советот на Општина Гази Баба, на иницијатива на градоначалникот Бобан Стефковски, беше донесена Одлука за начинот на применување на ДУП-овите во просторот на Градска четврт ССИ 09.
Со оваа Одлука:
- Се прекинуваат сите постапки доставени преку системот е-дозволи за подготвителни работи и издавање решенија за градба;
- Одлуката се однесува на територијата опфатена со деталните урбанистички планови во оваа четврт;
- Не се однесува на барања за реконструкција или адаптација;
- Ќе важи во времетраење од една година од денот на нејзиното донесување.
- Во просторот на Градска четврт ССИ 09 – Автокоманда, во изминатиот период беше дозволена изградба на нови објекти и надградба на постојни станбени згради согласно со важечките Детални урбанистички планови. Со ова значително се зголеми бројот на жители, а со тоа и притисокот врз водоводната мрежа, јавниот паркинг и квалитетот на живот во населбата, сподели Стефковски.
- Ова е чекор кон хумана урбанизација и подобар животен стандард за жителите. Последиците од неодговорното урбанистичко работење во минатото ги чувствуваме денес. Затоа мораме да донесуваме храбри и одговорни одлуки – во интерес на граѓаните и одржлив развој на нашата општина, посочи Стефковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа