Филипче: Власта ја претвори Македонија во Бејрут

 

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вечерашното гостување на Канал 5 зборуваше за порастот на криминалот, небезбедноста во државата и заканувачкиот начин на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
 
„Гледајте ја безбедноста, што се случува со безбедноста. Министерот за внатрешни работи викаше ‘брат да ми е ќе одговара’, се гине на улиците како во Бејрут и никој не одговара. Колку сообраќајки, колку убиства, колку нерасчистени работи,“ рече Филипче, осврнувајќи се на сериозната деградација на јавната безбедност.
 
Тој потсети и на заканите кон Градоначалничката на Скопје. „Гледајте какви криминали открива Градоначалничката на Скопје, физички ѝ се закануваат. Кај го има ова? Каде живееме ние?“, праша Филипче.
 
Според него, пораката која ја испраќа сегашната власт е опасна и заканувачка. „Која е пораката која ја пушта власта? Или сте со нас и сте безбедни, или сте против нас и вие сте непријатели. Тоа е пораката која ќе се пушта,“ истакна тој.
 
Филипче остро реагираше и на насилството пред очите на полицијата врз градоначалничката на главниот град. „Како може некој физички да се пресметува пред очи на полиција со институцијата Градоначалник на Скопје? Какво и мислење да имам јас за нејзе и за нејзината работа, тоа е целосно нерелевантно во овој контекст,“ рече тој.
 

 

Тој посочи и на скандалозната легализација на дивоградби од малолетници. „150 дивоградби се легализирани од малолетни деца, со десетици станови. И никој не реагира. И каде се реакциите за тоа? Лоша е пораката дека или си со нас и си безбеден, или не си со нас и ти си непријател,“ заклучи Филипче.
16.07.2025 - 10:38

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега