Семеен излет се претвори во трагедија во Италија за семејство од Македонија
Семеен излет се претвори во трагедија во Италија откако деветгодишно девојче со потекло од Македонија се удавило во реката Пјаве во близина до Сан Џакомо ди Педероба во Тревизо. Девојчето се капело со своите браќа и сестри, кога родителите забележале дека ја нема откако ја однела струјата. За кратко време на местото пристигнале спасувачите, биле активирани и хеликоптер, дронови и нуркачи. По два часа неуспешна потрага, телото на девојчето било извлечено, го пронашле заглавено меѓу карпи во реката.
Информацијата за трагично загинало девојче со потекло од Македонија, ја потврдија и од македонското Министерство за надворешни работи.
„До македонскиот конзулатот во Венеција е доставено известување за трагичен настан што се случил на 29 јуни, во Сан Џакомо ди Педероба, во близина до Тревизо, покрај брегот на реката Пјаве, при што животот го загубило деветгодишно девојче, по потекло од Република Северна Македонија. Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатата, со цел завршување на сите неопходни административни постапки за транспорт на посмртните останки.“, се вели во соопштението на МНР.
Медиумите пренесуваат дека пред 10 дена, 21-годишно момче починало во водите на Пјаве откако нуркало со пријател.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа