Данска ќе биде домаќин на следниот самит на Европската политичка заедница

 

Следниот самит на Европската политичка заедница, седми по ред, ќе се одржи во Данска, објавија вечерва албанскиот премиер Еди Рама и неговата данска колешка Мете Фредериксен на заедничката прес-конференција со која беше завршен самитот во Тирана.

Фредериксен рече дека денешните дискусии се фокусирале на безбедноста, пазарот и конкурентноста на европските компании, како и на миграцијата, која е речиси надвор од контрола, иако ситуацијата, истакна таа, варира меѓу земјите.

Таа силно се залагаше за вооружување на Европа за да може да се заштити.

Рама рече дека нема ништо против ставот на данската премиерка дека Европа треба да направи повеќе кога станува збор за одбраната, но истакна дека не треба да се заштитат само териториите, туку и иднината.

Тој, исто така, праша зошто на американскиот претседател Доналд Трамп му требаше да ја разгледа можноста за прекин на огнот во војната на Русија против Украина, велејќи дека е направен дипломатски пропуст.

Премиерите на Албанија и Данска зборуваа и за пристапувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

Фредериксен рече дека тоа е важна задача, додавајќи дека некои земји завршиле „навистина добра работа“.

-Проширувањето на нашето семејство е многу важно и се надеваме дека наскоро ќе преземеме дополнителни чекори, рече Фредериксен.

Рама уште еднаш изрази оптимизам во однос на позицијата на Албанија, како и на другите земји од Западен Балкан, кога станува збор за приклучување кон ЕУ.

-Тоа не беше главната тема денеска, но вчера слушнавме од претседателот на Европскиот совет што треба да направиме за да се приклучиме кон ЕУ. Кога тоа ќе се случи, тогаш ќе можеме да ги замолиме да го направат својот дел. За нас (Албанија) е важно да имаме предизвик на маса, агендата е многу амбициозна, да ги отвориме сите поглавја до 2027 година. Сметаме дека можеме да го направиме тоа, Европската комисија е тука да ни помогне, рече Рама.

Според Рама, моментот е фантастичен за проширување, „за Европа да се обедини“, додавајќи дека смета дека Албанија ќе го искористи тоа.

На денешниот шести самит присуствуваа околу 50 европски и континентални лидери, кои разговараа за предизвиците со кои се соочува Европа.

Европската политичка заедница е неформален дипломатски форум создаден во 2022 година на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон како одговор на руската агресија врз Украина.

Заедницата е форум за дискусии насочени кон зајакнување на стабилноста, безбедноста и просперитетот низ цела Европа. Пред самитот во Тирана, вакви собири беа одржани во Чешка, Молдавија, Шпанија, Обединетото Кралство и Унгарија.

16.05.2025 - 21:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега