ВМРО-ДПМНЕ: Казната за трагедијата во Тетово е во служба на Филипче и Ахмети, а не на правдата

 


ВМРО-ДПМНЕ остро реагираше на судската пресуда за трагедијата во модуларната болница во Тетово, во која во септември 2021 година животите ги загубија 14 лица. Од партијата ја оценија пресудата како срамна и донесена под политички притисок од страна на СДСМ и ДУИ.

Во партиското соопштение се посочува дека казната затвор од една година и шест месеци за поранешните директори на тетовската болница, како и паричната казна од околу 16 илјади евра за Клиничката болница Тетово, не ја одразуваат тежината на трагедијата.

„Оваа пресуда не е во служба на правдата, туку единствено во служба на Венко Филипче и Али Ахмети“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата сметаат дека правосудниот систем е под целосно влијание на владејачките партии, и побараа институциите да поведат постапка за разрешување на сите инволвирани во носењето на одлуката.

„Ги повикуваме надлежните да поведат постапка за разрешување на судиите кои донеле срамна пресуда, како и Управата за јавни приходи да го испита потеклото на имотот на судијата кој ја донесе оваа одлука“, стои во реакцијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ исто така упатија остри зборови кон поранешниот министер за здравство Венко Филипче, за кого тврдат дека „свесно и по налог на Заев, Анѓушев и Ахмети го презел тендерот за изградба на модуларните болници од локалната самоуправа“.

Партијата истакна дека ќе поддржи секоја форма на револт и незадоволство од оваа пресуда и додаде дека „право, правна држава и одговорност мора да има“.

17.05.2025 - 10:20

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега