По средбата Мицкоски-Стармер, британскиот амбасадор најавува потпишување договор „влада со влада“ идната недела
По средбата на премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер во Тирана, на која беше постигната согласност за договор за стратегиско партнерство помеѓу двете земји, британскиот амбасадор во С Македонија, Метју Лосон, најави дека договорот на ниво на влади ќе биде потпишан следната недела во Лондон.
„По клучната средба меѓу премиерот Кир Стармер и премиерот Христијан Мицкоски на денешниот самит на Европската политичка заедница во Тирана, со гордост ја споделувам објавата на ново стратешко партнерство – значајна надградба на нашите безбедносни партнерства како сојузници во НАТО и продлабочување на трговските и инвестициските врски со нов договор ‘влада со влада’, што ќе се потпише во Лондон следната недела“, најави Лосон во објава на официјалната фејсбук-страница на британската амбасада во Скопје.
За исходот од средбата Мицкоски-Стармер претходно денеска објави и владата на Обединетото Кралство. Во објавата на веб-страницата на британската влада се наведува дека со партнерството меѓу двете земји ќе се стави акцент на меѓусебните пријателски односи и дека ќе ја сигнализира намерата за поблиска соработка во однос на заедничките предизвици вклучувајќи ги економскиот раст, трговијата, одбраната и безбедноста.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа