Лефков: Сопругата на Апасиев ја фалсификувала својата биографија

 

Тамара Јованов-Апасиева, сопруга на пратеникот и претседател на Левица, Димитар Апасиев, ја фалсификувала својата биографија и лажела за ангажман на настан во Грција за кој зела пари од претходната влада на СДСМ, преку програмата „Еразмус+“, обвини денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.

На прес-конференција во партиското седиште, Лефков рече оти таа навела дека на настанот во Грција била во улога на лектор и учесник, но официјалните документи кажуваат дека таа била само учесник, а не и лектор, па оттаму прашува зошто таа имала потреба да лаже во својата биографија и зад своето име да припишува работи кои воопшто не ги правела. Лефков прашува и дали таа намерно се пишала дека е лектор за да земе повеќе финансиски средства или, пак, за неосновано да ја збогати својата биографија.

„Димитар Апасиев, кој се претставува за јак правник, треба да каже дали тоа што неговата сопруга лажела во својата биографија е фалсификат или измама? Исто така, Димитар Апасиев како политичар, кој се бори за гласови треба да каже што се тој и неговата сопруга лажат, кога лажат за една биографија?“, вели Лефков.

Вчера од ВМРО-ДПМНЕ објавија дека СДСМ ја финансирал сопругата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, преку националната агенција за „Еразмус+“. На вчерашната прес-конференција, Миле Лефков обвини дека ова укажува на соработка меѓу двете партии, иако јавно се претставуваат како спротивставени.

27.08.2025 - 13:08

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега