Како Јахоски доби времен пасош?
Газдата на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски е вратен во Македонија и утрово се пријавил во Кривичниот суд откако претходно викендов беше на патување во Турција со времен пасош. Јахоски, според одлуката на Апелацискиот суд со која мерката беше преиначена во мерки на претпазливост, има обврска секој прв понеделник во месецот да се јави во Кривичниот суд, што и го сторил.
Но како Јахоски го добил времениот пасош кој ќе може да го користи во следните шест месеци? Според МВР, времената патна исправа на газдата на „Пуцко Петрол“ му е издаден по одлука на Апелација. Второстепениот суд одлуката ја донел во петокот, а веќе во саботата тој заминал за Турција.
-Лицето за кое прашувате остварило излез од Република Северна Македонија на Граничен премин Богородица на 30.05.2025, а се вратило во државата на 02.06.2025 преку Граничен премин Богородица. Имено лицето извршило излез од државата со патна исправа со ограничен рок на важење издадена од МВР по претходно донесено Решение КСЖ бр. 540/25 од 29.05.2025 на Апелационен суд со кое се дава согласност на лицето А.Ј. да му се издаде патна исправа со ограничен рок на важење, велат од МВР.
Посоченото решение од МВР се уште не е заведено во системот на судот и не може да се прочита точната одлука. Но, од Апелација за Сител со појаснување. Јахоски барањето го поднел на 12 мај во Кривичен. Кривичен го одбил, па Апелација одржала седница на 29-ти.
-Постапувајќи по жалба на осомничениот, истата делумно ја уважил на начин што дадена е согласност за издавање нова патна исправа на осомничениот Асмир Јахоски, но со ограничен рок на важење од 6-шест месеци сметано од денот на издавање. При одлучувањето земен е предвид предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да се дозволи издавање на времена патна исправа, како и мислењето на Вишото јавно обвинителство да се уважи жалбата на осомничениот и издаде времена патна исправа, велат од Апелација појаснувајќи дека мерките на претпазливост кои беа донесени претходно се уште се во сила.
Дека Обвинителството дало согласност, потврдуваат и оттаму. Од Обвинителството за организиран криминал велат дека дале зелено светло поради гаранцијата од 60 милиони денари недвижен имот и депонирање 72 милиони денари на сметка на судот, но и поради тоа што мерките на претпазливост се уште се во сила.
На патувањето на Јахоски во Турција реагираше владејчката ВМРО-ДПМНЕ. Тие вина гледаат во, како што велат, судиите избради од ДУИ и СДСМ и се децидни дека реформи во судството мора да има.
-Од информации во јавноста, дознаваме дека судиите му одобриле на Јахоски и му го вратиле времено пасошот, за тој да може да шета и ужива по Босфор со нашите пари кои тој и неговите блиски ги украдоа од Буџетот на државата! Правдата изгледа ќе мора да почека додека тој слави матурски на Босфор. Затоа судиите мора да одговараат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Јахоски е осомничен во рамки на истрагата со која се опфатени сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство. ОЈО за ГОКК истражува можни злоупотреби во набавките за мазут за ТЕЦ Неготино вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза.
На Босфор, во Турција, според објавата на социјалната мрежа Фејсбук, Јахоски отишол да прослави завршено образование на свој роднина во Турција.
Извор: Сител
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа