Димитров: Тоа што го обезбедивме со Преспанскиот договор сега ни го зема Бугарија

 

Европската Унија ја губи својата суштина кога ги напушта принципите што ја дефинираат – тоа го порача Никола Димитров, претседател на Центарот „Солуција“ и поранешен министер за надворешни работи, на Сими Симпозиумот што по 27. пат се одржува во Грција.

„Европа мора да биде доследен, принципиелен партнер што испорачува, што е гласен кога се прават неправди и се прекршува меѓународното право. Тоа не го гледаме“, рече Димитров во своето обраќање.

Говорејќи за македонското искуство со европските интеграции, тој нагласи дека најголемата вредност што Македонија ја обезбедила преку Преспанскиот договор – признавањето на македонскиот идентитет и јазик – денес е доведена во прашање.

„ЕУ дозволи тоа што ни беше најважно, и што Грција го прифати – дека сме Македонци кои зборуваат македонски – сега да биде нападнато од Бугарија. Бугарија го грабна ветото со гордост, откако тоа прво го направи Франција. Наместо да зборуваме за реформи, заглавени сме со прашања од минатиот век, со наратив што е недозволив за Европа во 21 век“, порача Димитров.

Тој предупреди дека ЕУ со политика на молк и компромиси околу фундаментални вредности – како човековите права и правдата – го загрозува сопствениот кредибилитет, особено во време на глобални кризи.

„Мислам дека многу европски лидери, со исклучоци, не се свесни колку ќе ги чини нивниот молк за Газа“, додаде Димитров.

На панел дискусијата за демократските предизвици во Медитеранот, покрај Димитров учествуваа и државниот министер на Албанија, Тулант Бала, поранешниот премиер на Тунис Мехди Јома, поранешниот генерален секретар на Арапската лига Амр Муса, како и истакнати професори и експерти од САД и Европа.

 

Сими Симпозиумот е меѓународен форум основан од поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, каде секое лето се собираат водечки мислители, политички лидери и интелектуалци од целиот свет.

15.07.2025 - 11:04

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега