Жителите во село Ѕвегор, делчевско конечно добија вода по повеќе месеци
По повеќемесечните проблеми со водоснабдувањето во село Ѕвегор, дефектот на водоводната мрежа е отстранет и домаќинствата повторно се снабдуваат со вода, информира градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски.
-По укажувањата кои Општина Делчево во повеќе наврати ги испрати до изведувачот „Бауер БГ“ – Скопје и до Министерството за животна средина, добивме известување дека дефектот е отстранет, мрежата е ставена под напон и снабдувањето со вода е нормализирано, изјави Трајковски.
Општината, како што посочи, испрати барање до Министерството за животна средина во најкраток рок да изврши технички прием на водоснабдителниот систем од изведувачот, по што системот ќе биде предаден на Општина Делчево.
Потоа, управувањето ќе го преземе ЈКП „Брегалница“, кое ќе има целосна надлежност и одговорност за неговото функционирање.
Трајковски апелира жителите рационално да ја користат водата и домаќинствата кои сè уште немаат склучено договор со ЈКП „Брегалница“ да поднесат барање за приклучување кон водоводната мрежа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа