Според Ангелов ДЗС е во хаос и агонија - Ќе ја обединува со ЦУК
Стојанче Ангелов е нов в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Како што информираше Ангелов, по претходен договор со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, тој е разрешен од позицијата директор на Центарот за управување со кризи и од денес стапува на новата функција.
Ангелов, како што информира ќе работи на обединување на ЦУК и на ДЗС во една институција, како стратешка заложба на Владата за воспоставување на современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе има соодветни капацитети да одговори на сите предизвици и ризици, целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО.
-Заедно со вработените кои ќе покажат амбиција за жестока, напорна и непоколеблива работа, ќе се обидеме да ги надминеме детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на Дирекцијата за заштита и спасување во полна функција. Како директор, ќе можам детално одвнатре да ја разгледам Дирекцијата за заштита и спасување, внимателно да го проучам човечкиот и техничкиот потенцијал и дополнително да ги детектирам многубројните недостатоци и слабости кои ќе бидат целосно отстранети во новата институција која ќе ги обедини функциите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување во една институција, на чие формирање забрзано се работи, како стратешка заложба на Владата за воспоставување на современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе има соодветни капацитети да одговори на сите предизвици и ризици, целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО. Благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и Владата за укажаната доверба, нагласува Ангелов.
ДЗС, се вели во соопштението од Ангелов, подолго време се наоѓа во агонија и покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер тракторите.
-Во овој момент се уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност, посочува тој.
Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита, како што информира Ангелов, е во исклучително лоша состојба, недостасуваат сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување.
-Во моментов во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин. Постојат и други недостатоци и слабости за кои во следниот период јавноста дополнително ќе биде информирана. Позитивно е тоа што внатре во Дирекцијата работат и одреден број на соодветно образовани, способни и искусни лица, но, за жал, некои од нив не се наоѓаат на вистинските работни места, вели Анеглов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа