Се огласи ЕХФ: Финалето е откажано поради безбедносни причини

 

Европската ракометна федерација во само една реченица на својата веб страница ја наведе официјалната причина за „откажување“ на финалето од ЕХФ Европскиот куп во Скопје откако ракометарите на АЕК одбија да излезат на паркетот. 

-Финалето на ЕХФ Европскиот куп во Скопје помеѓу РК Алкалоид и АЕК Атина е откажано поради безбедносни причини, се вели во краткото соопштение во кои нема никакви детали за какви безбедносни предизвици станува збор. 

Ракометарите на АЕК, за што потврди и самиот клуб, не излегоа на паркетот во СЦ „Борис Трајковски“ по закана од навивачите кои беа незадоволни што МВР по оперативни сознанија дозволило да се издадат само 200, наместо 650 влезници за гостите. 

-АЕК значи чест, гордост, почит и морални вредности. АЕК значи семејство, АЕК значи УНИЈА! Најголема поддршка на АЕК со текот на времето се неговите навивачи. И непочитување во овој свет е и непочитување кон АЕК. Вечерва администрацијата на АЕК во еден глас донесе тешка, но принудна одлука. Ниту една сила не може да му направи неправда на овој свет, како што се обидоа да направат локалните власти што кулминираше со тоа што не им дозволи на некои од нашите навивачи да ја преминат границата и да влезат во земјата, како што беше договорено на утринскиот безбедносен состанок. Сите сме тука, продолжуваме обединети, не преговараме за цената на АЕК, соопшти АЕК преку Фејсбук. 

Од РК Алкалоид велат дека вакви сигнали добивале уште во текот на денот. 

-Тие разговори, не можам да кажам дека беа преговори, траеја од 10 часот до техничкиот состанок кога е нормално да се договори сѐ, како ќе тече протоколот на еден ракометен натпревар на едно европско натрпеварување. Без оглед на тоа, до последен момент се надевавме дека нема да има никаков проблем, кој настана од влезниците. Значи, тука е главниот проблем, вели Зоран Цветановски, претставник на РК Алкалоид во изјава за Јавниот сервис. 

Рече дека МВР и РК Алкалоид по оперативни анализи донеле одлука дека за грчките навивачи не можат да бидат издадени 650 карти на финалето од ЕХФ Европскиот куп.

-Нашиот клуб и МВР донесоа одлука по некои оперативни анализи дека после сѐ што се случуваше во последниот период во државата, дека тоа не е возможно и бројот на влезници за гостинските навивачи беше ограничен на 200. Тука настана најголемиот проблем. Тука беа и преговорите, тука се кршеа копјата. Дел од навивачите на АЕК допатуваа во Скопје, дел не, и тука настана главниот проблем. Затоа што тие што допатуваа не можеа да бидат во тој број што беше посакуван и му дадоа ултиматум на менаџментот на АЕК дека ако се појават на терен без навивачи ќе сносат внатрешни, интерни последици по враќањето во Атина. Тука дефинитивно лежи причината, рече Цветановски. 

 

25.05.2025 - 22:54

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега