СДСМ: РЕК Битола работи на продолжен кабел
РЕК Битола секој ден се уништува, производството се намалува, а работниците работат во услови опасни по живот. Комбинатот работи само со еден блок – Блок 3, а и тој не се знае колку ќе издржи оти има сериозни проблеми, тврди СДСМ.
„Пред извесно време се случи експлозија во командата на отпепелување на Блок 3 во која изгореа трафостаниците што ги снабдуваат со струја траките за отпепелување. За гаснење на пожарот се искористија над 20 противпожарни апарати, а предизвикана е огромна штета. Наместо итно да се оспособат трафостаниците, дел од машините се поврзани на продолжен кабел и од него добиваат струја за работа“, велат од партијата.
Од таму наведуваат дека работниците се принудени рачно да работат се што треба и не треба и секој ден животот им е во опасност, но, како што велат од СДСМ, принудени се да молчат заради закани и притисоци од шефовите.
„Директорите и новопечените советници во РЕК Битола знаат за оваа работа и ништо не преземаат. Тие што тврдеа дека ќе го накренат РЕК Битола кога ќе дојдат на власт, се гробарите на комбинатот. Отпепелувањето на Блок 3 не работи, турбината на Блок 1 има девијација и блокот е надвор од функција, нема абер од ремонти. Во РЕК Битола ситуација никогаш не била полоша“, велат од СДС.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа