Стефковски за загадувањето на воздухот во Гази Баба: Изречени се глоби и изготвени се записници за повеќе физички лица
Во изминатите неколку денови, во делови од Гази Баба беше евидентирано значително загадување на амбиенталниот воздух, што предизвика загриженост кај граѓаните, а особено се чувствуваше во раните утрински часови.
По тој повод градоначалникот Бобан Стефковски информира дека од првиот момент кога ја регистрирале оваа состојба, го задолжил Секторот за инспекциски работи дапочне со вонредни инспекциски контроли за откривање на изворите на загадување и санкционирање на прекршителите.
„Изречени се глоби и изготвени записници за повеќе физички лица за кои постојат докази дека го прекршиле Законот“, изјави Стефковски.
Тој најави и пакет конкретни мерки и активности, меѓу кои мобилен пункт на Вардариште, пришто секој ден од 8 до 22 часот, инспектори од Секторот за инспекциски работи ќе бидат стационирани на дивата депонија со цел постојан надзор и спречување на понатамошни прекршувања.
Стефковски ги повика сите граѓани да соработуваат.
„Доколку имате информација за причинители на загадувањето, ве молам пријавете ги. Само заедно можеме да ги детектираме и санкционираме несовесните поединци“, повика Стефковски кој тврди дека нема да прави компромис со оние што го кршат Законот.
„Загадувањето е кривично дело – тоа е напад врз нашето здравје. Тој воздух го дишам и јас, како и моите две деца. Ве уверувам – ќе направам сѐ за да се откријат и казнат виновниците. Апелирам до сите: граѓани и институции – обединете се со нас во оваа борба!“, додаде Стефковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа