СДСМ ќе поднесе иницијативата за повторно ставање во функција на Парламентот
Пратеници на СДСМ се очекува денеска до Собранието да ја достават иницијативата за повторно ставање во фунцкија на законодавниот дом, што се самораспушти на 16 февруари поради одржувањето на предвремени парламентарни избори на 12 април, кои, пак, беа одложени поради пандемијата со Ковид-19. Претседателот на Парламентот Талат Џафери не се изјасни дали ќе свика седница што би значело повторно ставање во функција на самораспуштениот Парламент и чека да ја види содржината на иницијативата, иако претходно кажа дека Собранието не може повторно да се состане.
Целта на оваа иницијатива, како што појаснија вчера од СДСМ, е да бидат потврдени двете одлуки на претседателот на државата Стево Пендаровски за вонредна состојба од по 30 дена за да се спречи ширењето на коронавирусот во земјата, но и да се остави можност доколку има потреба пратениците повторно да можат да одлучуваат.
– Ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот. Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Пендаровски, но да биде во функција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба. Правиме консултации и со други пратенички групи со кои го делиме мислењето за работата на Собранието во вакви услови, изјави Јован Митроски, координатор на пратеничката група на СДСМ.
Сметаат дека е потребно одржување на ваква седница и доколку е потребно свикување на Собранието и за други прашања, повикувајќи се на неговата надзорна улога, особено во вакви вонредни и кризни состојби.
Врз основа на тоа, седницата би имала две точки на дневен ред – првата е за свикување на седница за потврдување на одлуките на претседателот Стево Пендаровски за продолжување на вонредната состојба, а втората за ставање на Собранието во функција по потреба.
Се разгледуваат и се размислуваат повеќе начини за одржување на една ваква седница, и како тоа би можело да се организира електронски или, пак, во голема сала со Купола се со цел да се запазат превентивните мерки за заштита од ширење на коронавирусот.
Свикувањето на седницата го засноваат на Деловникот и на Уставот. Седница, како што посочуваат, може да се свика со собрани 20 потписи од пратеници врз основа на член 67 од Деловникот за работа на Парламентот во којшто во став два се предвидува дека „Претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и најмалку 20 пратеници“. Според член 63 став 4 од Уставот, пак, „мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба“.
Поддршка од коалициските партнери, ДУИ засега воздржана и бара консензус, а ВМРО-ДПМНЕ смета дека распуштен Парламент не може да се состане
На иницијтивата на СДСМ се потпишани триесетина пратеници од СДСМ, НСДП, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, Алтернатива и ДПА, а се очекува денеска таа да добие поддршка и од Беса.
Иницијативата нема поддршка од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, ниту од ДУИ, која, сепак, остави простор најнапред да ја види иницијативата па конечно да се изјасни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа