Одбележување за Карпалак во прилепската касарна: Да не се заборави и никогаш да не се повтори

 

Осми август е ден кога недобронамерниците посегнаа по наше парче земја, ден кој и по 24 години буди чувства на гордост, но и на тага, рече потполковник Сашко Палески, командант на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп при вечерашното чествување на 24-годишнината од загинувањето на 10-те прилепски бранители кај Карпалак.

Повеќе делегации, роднини на загинатите се поклонија пред спомен-обележјето во касарната со што почнаа чествувањата за 10-те прилепчани кои загинаа при заседата на патот Скопје - Тетово кај месноста Карпалак кога беше нападнат армискиот конвој.

-Носиме чувство на гордост за хероизмот на нашите другари: Нане, Сашо, Веби, Бранко, Горан, Ердован, Дарко, Љубе, Пецо и Марко, припадници на резервниот состав на единицата и емоции на жал и тага поради саможртвата на нашите херои кои како лојални и чесни граѓани ја исполнија својата света должност, се јавија на повикот, положувајќи ги своите животи на браникот на татковината, истакна потполковник Палески.

Како што рече, спомените за загинатите ќе се чуваат, со порака - никогаш да не се повтори.

07.08.2025 - 21:01

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега