Симовски за „Детектор“: Попис ќе се одржи следната година во април – графата за националност ќе биде вклучена
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во гостувањето на „Детектор“ рече дека сѐ уште стои предвидениот термин за спроведување на пописот. Станува збор за април следната година. Иако тоа требаше да биде спроведено оваа, се презакажа поради закажувањето на предвремените парламентарни избори кои требаше да се одржат на 12 април.
Симовски вела дека ДЗС ќе биде подготвена пред почетокот на операцијата.
-Пред нас останува уште избор на попишувачи и други учесници во пописот. Нивна обука и комплетно спроведување на пописот на терен. Сѐ останато кое што е дел од подготовките за овој попис е веќе направено и тестирано и проверено. Имавме план да направиме уште едно тестирање на апликацијата во месец март. За жал се случи ова што ни се случи со епидемијата на Ковид-19. Ќе го направиме и тоа тестирање, рече Симовски, појаснувајќи дека тоа е техничка проверка на целокупната инфраструктура за спроведување на пребројувањето.
Според него, имало разлики меѓу политичките партии за тоа кој треба да ги дава податоците за оние лица кои не се во Македонија. Објаснува дека за тоа дали луѓето кои што се надвор од земјата повеќе од една година не одлучува државата, туку тоа е одлука на Обединетите нации.
-Всушност, овие лица можат да бидат дел од пописот, меѓутоа не можат и не смеат да бидат од т.н. категорија „Вкупно или резидентно населени“. Целта на ваквото дефинирање е за да нема дуплирање на одредени лица во повеќе земји, бидејќи, секоја држава прави попис за себе, но и за меѓународната заедница. Тие податоци се пренесуваат, ние ги доставуваме до ЕУРОСТАТ, но и до ОН, каде што се сумираат одредени податоци за региони, континенти итн., вели Симовски.
Директорот на ДЗС потенцира дека во пописот ќе ја има графата за националниост.
-Ние како институција, и јас лично предложивме уште на самиот старт од подготовките ова прашање да се изземе од пописот со цел да се елиминираат сите политички влијанија. Ова беше прашањето кое што ги провоцираше тие влијанија. За наша жал, реакцијата на целокупната јавност беше сосема спротивна и се инсистираше ова прашање да биде дел од пописот. Ние се разбира мораме да ја слушаме јавноста и ова прашање е вклучено во пописот, рече Симовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа