Дука: Да не нè обзема еуфоријата и триумфализамот, добивме една битка, „војната“ со коронавирусот не е готова
Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука, кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб, на денешната прес конференција упати апел до граѓаните да не ги обзема еуфиорија и триумфализам, туку и понатаму строго да ги почитуваат мерките и препораките на надележните.
– Она што до сега го направивме заедно е само една добиена битка, но се уште ја немаме добиено војната. Победата над оваа пандемија ќе биде тогаш кога ќе ја добиеме втората битка и ќе се вратиме во нормален живот. До тогаш важат мерките на вонредна состојба. Сега се е во наши раце, дали ќе има ново заразени зависи од нас и нашето однесување, од тоа колку ќе ги почитуваме мерките и препораките на надлежните, рече меѓу другото Дука.
Тој воедно искажа верба дека дебрани ќе бидат внимателни и совесни и ќе ги почируваат само официјалните препораки и соопштенија, како што ги почитуваа и до сега и им порача дека „целта на превентивните мерки не е да се создаде паника туку тоа се мерки за заштита на нашето здравје“.
-Триесетдневниот карантин на Дебар секако му донесе голема економска штета. Се доведува во прашање опстанокот на повеќе мали и средни бизниси. Ги замолувам сите да ги искористат мерките на Владата, како што се субвенциите за платите на вработените, користење на мали кредити без камата и слично. Бараме дополнителни економски мерки за Дебар,зашто занаетчиите, кафулињата, рестораните, во периодот на карантин воопшто не работеа, рече Дука.
Тој апелираше и на поголема меѓусебна солидарност,а искажа голема благодарнсот до сите структури кои се вклучени во спроведување на потребни мерки за спречување на проширувањето на пандемијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа