Над 60 нови проекти и инвестиции од 9 милиони евра: Општина Гази Баба го усвои ребалансот на буџетот
Советот на општина Гази Баба на денешната седница го усвои ребалансот на буџетот, со што се отвори патот за реализација на повеќе од 60 нови проекти во различни населени места низ целата општина, информираше денеска градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски преку социјалните мрежи.
Како што посочи, со оваа одлука, влегуваат во нова фаза на забрзан локален развој која ќе се одвива со полна пареа во текот на летото и есента.
„Со денешната одлука, буџетот на општината се зголемува за вкупно 9 милиони евра, средства што се обезбедени од страна на Владата на Република Македонија и се наменети за 16 нови капитални проекти. Станува збор за проекти кои ќе значат подобрување на инфраструктурата, реконструкција на локални патишта, уредување на јавни површини, градење на детски игралишта, спортски зони и други значајни иницијативи за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Како општина, со сопствени напори и управување со локалните ресурси, успеавме дополнително да го зголемиме буџетот за уште 75.000.000 денари (околу 1.2 милиони евра)“, истакна Стефковски во објавата.
Тој додаде дека овие средства ќе бидат насочени кон проекти со приоритетна важност за жителите и најави дека ќе следува интензивно и работно лето.
„Со ребалансираниот буџет започнуваме реализација на проекти кои веќе се подготвени за постапки за јавни набавки. Паралелно ќе се работи на инфраструктурни подобрувања, урбанистичко уредување и инвестиции во инфраструктурата, образованието, спортот и животната средина, нагласи Стефковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа