Началникот ќе биде разрешен, МВР констатира непрофесионално однесување во Демир Хисар
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Одделот за внатрешна контрола при МВР, по извршени проверки во врска со објавеното видео за време на претрес во Демир Хисар, констатираше непрофесионално и неетично однесување на началник во ОВР Демир Хисар. За лицето е покрената дисциплинска постапка.
-Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата. МВР го осудува секој облик на насилство, незаконско или непрофесионално постапување. Полицијата е тука за да ги спроведува законите и да им служи на граѓаните, информира МВР.
Во однос на реакциите на јавноста поврзани со постапувањето на полициските службеници за време на претресот во домот на директорката на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар, Маја Лозановска, од МВР вчера информираа дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема соодветни мерки и активности од своја надлежност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа