Му влегол дома и тргнал да украде 4.000 денари: Се сожалил на домаќинот и му оставил 1.000 денари

 

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Осомничениот 32-годишен скопјанец, на 18 август, маскиран со маица со која си го покрил лицето и капа, преку незаклучена влезна врата влегол во домот на негов соселанец во селото Бучимци.

Во рацете држел ловечки нож и кога во една од собите го затекнал сопственикот, му се заканил дека ќе го убие ако не му даде пари. Оштетениот, исплашен за својот живот, извадил 4.000 денари од комодата, но го замолил разбојникот да му дозволи да задржи барем 1.000 денари, бидејќи му се неопходни. Осомничениот се согласил и го напуштил местото со 3.000 денари кои противправно ги одзел од сопственикот.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, можност за влијание врз сведокот/оштетен со заплашување и уценување, како и можност да го повтори делото.

20.08.2025 - 18:35

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега