Мицкоски: Корупцијата беше правило - сега силно се бориме против неа
Премиерот Христијан Мицкоски денес се обрати на седницата на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам, каде упати јасна порака дека стабилноста, безбедноста и владеењето на правото остануваат врвни приоритети на Владата.
„Денешната седница не ја третираме само како координациска, туку како суштинска точка во еден поширок напор: напор да создадеме систем што ќе ги препознава ризиците на време, ќе реагира ефикасно и ќе обезбеди долгорочна заштита на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Според премиерот, насилниот екстремизам и тероризмот се последица на подлабоки институционални слабости, а нивното спречување мора да оди рака под рака со јакнење на институциите, владеење на правото и борба против корупцијата.
Во својот говор, Мицкоски се осврна и на темата за високата корупција, нагласувајќи дека Владата од самиот почеток презела решителни чекори за расчистување со „системот на клиентелизам и злоупотреби“ што го наследиле.
„Корупцијата не беше појава – беше правило. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. Затоа, една од првите и најрешителни борби што ја започнавме беше токму борбата против високата корупција“, рече Мицкоски.
Како важна потврда за напредокот, тој го издвои и најновиот извештај на ГРЕКО – Групата на држави против корупција при Советот на Европа. Извештајот, објавен вчера, ја потврдува насоката на Македонија кон „систем што функционира“.
„Ова не е само административно признание – ова е институционална пресвртница. Првпат по долго време, државата не е предмет на критика, туку на признание за сериозен напредок во борбата против корупцијата“, потенцираше премиерот.
Мицкоски ја заврши својата изјава со апел за координирано дејствување:
„Овој Комитет не е симболичен, туку оперативен инструмент. Очекувам сите институции да дејствуваат координирано, без одлагање и калкулации. Борбата за стабилна, сигурна и правична Македонија не се добива со зборови, туку со дела.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа