Мерц му порача на Трамп да се држи настрана од германската политика

 


Новиот германски канцелар Фридрих Мерц синоќа ја повика администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да се „држи понастрана“ од внатрешната политика на Германија, откако неколку американски функционери ѝ дадоа поддршка на крајно десничарската партија АфД.

Најавувајќи дека утре ќе го има својот прв телефонски разговор со американскиот претседател Трамп, новиот германски лидер изјави за телевизијата ЗДФ (ZDF) дека сака да „ја охрабри и повика американската Влада да ја остави внатрешната политика на Германија да остане внатрешно прашање и да се држи подалеку од партиските политички размислувања“.

Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио во петокот остро ја критикуваа одлуката на германската разузнавачка служба БфД (BfD) да ја класифицира партијата АфД како екстремистичка десничарска организација, подложувајќи ја на зголемен владин надзор.

Мерц рече дека сака да „направи сè“ за да ја „поврати довербата“ кај сегашните гласачи во крајно десничарската АфД, која добива на сила и сега е прва опозициска група во Бундестагот.

Тој, исто така, рече дека со неодамнешната класификација на партијата од страна на разузнавачката служба како „екстремистичка десничарска“, фундаменталниот проблем „не е решен“.

Во своето прво интервју откако стана канцелар, Мерц, исто така, изрази значителна загриженост за ситуацијата во Газа и го повика Израел, каде што ќе оди неговиот министер за надворешни работи, да „ги почитува своите хуманитарни обврски“.

„Израел има право да се брани од Хамас, но треба да остане и земја што ги почитува своите хуманитарни обврски“, рече Мерц, додавајќи дека ова е особено важно во Појасот Газа, каде што се води „страшна војна“ на место каде што е потребно да се води конфликт со „терористите на Хамас“.

Тој рече дека неговиот нов министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, ќе оди во Израел на крајот од неделата.

07.05.2025 - 10:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега