Маж добил срцев удар во авион – доктор со џебен инструмент му го спасил животот

 

 

Кардиологот од Оклахома, д-р Ти Џеј Трад, спиел за време на летот од Уганда кон Амстердам, кога член на неговиот тим го разбудил за да му каже дека некој има итна потреба од него.

Докторот веднаш се упатил кон патник кој бил облеан во пот и се жалел на болки во градите.

Мажот го погледнал докторот и вознемирено прашал: „Ќе умрам ли?“, пренесува CNN.

 

 

 

„Не денес“, му одговорил д-р Трад.

Според него, мажот пред него добивал срцев удар – болка која на докторот му била добро позната, бидејќи и самиот доживеал инфаркт во 2024 година.

Докторот верувал дека има со себе сè што е потребно за да го спаси животот на патникот – лекови и медицински инструменти кои ги носел бидејќи се враќал од медицинска мисија во Уганда со организацијата Cura for the World, основана од него, која гради клиники во загрозени подрачја.

Д-р Трад со себе носел џебен електрокардиограм (ЕКГ) – нешто без кое, откако самиот го преживеал инфарктот, никогаш не излегувал од дома. Уредот со големина на кредитна картичка се покажал како клучен за дијагноза на симптомите кај пациентот.

Патникот изјавил дека болката во градите му била 10 од 10.

„Ќе слетаме ли веднаш?“, нервозно прашала сопругата на мажот.

Првиот чекор на докторот бил да ја смири холандската двојка, патниците околу нив и екипажот.

Потоа д-р Трад импровизирал ургентен оддел меѓу седиштата во авионот, го легнал мажот на подот со перници и ги подигнал неговите нозе за да ја врати крвта кон срцето.

Со помош на кардиограм од мисијата, докторот проценил дека станува збор за срцев удар, па му дал пет лекови кои обично се користат во такви ситуации.

Потоа го извадил својот џебен електрокардиограф – KardiaMobile – уред што ја мери срцевата активност и го користел за да следи евентуални аритмии. По сопствениот инфаркт, уредот секогаш го носел во паричникот.

Малата картичка му овозможила на докторот постојано да го следи срцевиот ритам на пациентот во текот на следните три часа.

Мажот ги ставил палците врз уредот, кој преку Bluetooth ги пренесувал податоците до апликација кај докторот.

За околу 45 минути по примањето на лековите, болката во градите и срцевиот ритам на мажот се подобриле. Во меѓувреме, пилотот го прашал дали треба да го пренасочат летот кон Тунис, по консултација со лекарот на земја на авио-компанијата, но д-р Трад уверил дека пациентот е доволно стабилен за да стигнат до Амстердам.

Состојбата на мажот останала стабилна и во последните два часа од летот. Болката се вратила при самото слетување, но со дополнителни лекови била намалена.

„Д-р Трад и една медицинска сестра помогнаа да не се влоши состојбата на мојот сопруг – направија незаборавна работа“, изјавила неговата сопруга.

„Ми рече дека сум нивниот ангел на небото“, се сеќава д-р Трад за патувањето што се случило кон крајот на април.

Авионот безбедно слетал на аеродромот во Амстердам, каде што веќе чекала брза помош за да го пренесе мажот во блиска болница.

По тоа што минатата година морал да го откаже патувањето во Уганда поради сопствениот инфаркт, д-р Трад вели дека помошта што му ја пружил на овој патник претставувала „затворање на кругот“.

19.05.2025 - 15:25

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега