Коцевски упати апел за зголемување на буџетот на Јавното обвинителство
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски, денеска, пред Комисијата за финансирање и буџет на Собранието упати апел за зголемување на буџетските средства на Јавното обвинителство нагласувајќи дека сегашниот износ е недоволен за исполнување на основните функции и на реформските обврски.
Обвинителот истакна дека минималниот законски предвиден износ од 0,4 отсто од вкупниот државен буџет не е целосно доделен и дека средствата за 2025 година изнесуваат речиси половина од оваа сума. Дополнително, нагласи дека недостигот на финансии го отежнува функционирањето на институцијата, особено во делот на вештачењата, кадровскиот капацитет и дигитализацијата.
Јавниот обвинител посочи дека поради зголемените трошоци за вештачења, како и поради недостиг на стручни кадри, Обвинителството се соочува со сериозни предизвици, особено во сложени предмети, како „Онкологија“ и трагедијата во Кочани.
„Сите сте свесни дека трошоците на Обвинителството по основ на вештачења минатата година значително се зголемија. За предметот ‘Онкологија’ беа изработени две обемни и скапи вештачења во странство. Трагедијата во Кочани, сите трошоци за анализа на обемниот доказен материјал, за обдукции, за истражни дејства, за сложени мултиинституционални вештачења – сѐ ова падна на товар на Обвинителството. Во најава се уште неколку предмети во кои, поради недостиг на стручни лица од соодветна област во нашата земја, вештачењата ќе треба да се бараат во странство, а странските институции веќе бараат претходни гаранции дека сработеното навремено ќе им биде исплатено“, рече Коцевски.
Истовремено, ја потенцира потребата за продолжување на лиценците на донираните софтвери и кофинансирање на проектот за дигитализација.
Од кадровски аспект, Обвинителството укажа дека поради забрана за нови вработувања веќе трета година, како и одбиен годишен план за вработување за 2025 година, екипираноста сериозно е нарушена.
Во обраќањето беа дадени и примери од регионот, каде што Обвинителствата добиваат значително поголема финансиска поддршка, како во Албанија и во Црна Гора.
Јавниот обвинител ги повика пратениците да интервенираат и да обезбедат дополнителни средства нагласувајќи дека вложувањето во правдата е вложување во стабилноста и владеење на правото.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа