Герасимовски: По 50 години, Центар во четврток отвора нова градинка

 


Градоначалникот Горан Герасимовски во гостувањето во емисијата „Во живо – Програма на градови” на МРТ информираше дека во четврток, за првпат по 50 години во Општина Центар ќе биде отворена новата градинка Пролет која е изградена по најсовремени стандарди. Тој потенцираше дека изградбата на градинката е целосно финансирана од општината во висина од околу 3 милиони евра.

„Добиваме една нова, модерна и урбана градинка, можам слободно да кажам не само најубава на територија на Скопје, туку и на територија на целата држава. 173 дечиња ќе бидат згрижени, во 9 занимални, во 3200 квадратни метри, со одличен двор. Употребени се најквалитетни материјали. Искрено сум пресреќен што успеавме меѓу малкуте општини во еден мандат да се отпочне и заврши една детска градинка што е редок случај во државата, за жал. Обично се отпочнуваат, но изградбите на такви големи капитални проекти траат и повеќе од еден мандат“, рече Герасимовски.

Герасимовски истакна дека овој проект го препознаваат и стручните лица, кадешто се одвиваат и вежби на студенти за да видат како е изградена, од какви материјали. Тој посочи дека негова грижа, но и на општината е да се подигне квалитетот на што повисоко ниво.

„Вложуваме многу, имаме најдобри услови во градинките, тие се многу подобри, но и поевтини од приватните. Имаме одличен персонал во самите градинки, во овие четири години имаме голем број на реконструкции, скоро во сите објекти кои се под капата на општината“, изјави Герасимовски.

06.05.2025 - 18:12

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега