Гаши: Дигитализацијата е клуч за транспарентно и одговорно Собрание

 


Секој доаѓа на одредена функција со своја цел и визија, а за мене овој настан е важен токму затоа што преку него гледам како се конкретизира дел од мојата визија за едно транспарентно, отворено и одговорно Собрание пред граѓаните, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши во обраќањето на конференцијата „Трансформирање на иднината: Дигитална стратегија за современ парламент“.

Тој истакна дека не е случајно што дигитализацијата на Собранието е еден од клучните приоритети на неговиот мандат, затоа што верува дека само преку транспарентност и ефикасност може да се зајакне довербата на граѓаните во оваа институција.

-Ова претставува и пресвртна точка за Собранието, бидејќи преку презентирањето на овие платформи се отсликува заедничката и сериозната посветеност за враќање на достоинството на институцијата. Во текот на изминатата година постојано нагласував дека транспарентноста е клучот во борбата против корупцијата и во градењето на едно почитувано Собрание. Со овие иницијативи се создава можност за сите граѓани, пратеници и за администрацијата да имаат полесен, побрз и поефикасен пристап до суштински информации, нагласи Гаши.

Според него, овие дигитални платформи – „Веб платформа за канцелариите за контакт со граѓаните“ и „Дигитален мост“ – претставуваат иновативни алатки, односно софтверски решенија, кои имаат за цел да ја зајакнат врската помеѓу Собранието и граѓаните.

Во ерата на технолошката револуција, како што истакна Гаши, користењето на вештачката интелигенција и создавањето на дигитални асистенти кои помагаат во обработката и дистрибуцијата на информации од пленарните седници не претставува само релевантно решение, туку и значително олеснување за граѓаните, медиумите, администрацијата и истражувачите, кои имаат потреба од суштински информации за овие процеси.

-Од друга страна, електронската платформа за канцелариите за контакт со граѓаните не само што ја олеснува комуникацијата и пристапот на граѓаните до пратениците, туку обезбедува и прецизна статистичка слика за работата и ангажманот на пратениците и пратеничките групи. Виртуелниот простор е исто така така наречена „адреса“, па со оваа платформа, секој граѓанин има своја адреса – без оглед на неговата локација и на предизвиците за физички контакт со пратениците, рече Гаши.

Овие проекти, како што посочи, се конкретен пример како технологијата може да се стави во служба на транспарентноста, ефикасноста и одговорноста.

-И токму затоа сум горд на реализацијата на овие платформи, кои имаат колосално значење, рече Гаши и додаде дека ја користи оваа прилика искрено да им се заблагодари на Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП) – за плодната и креативна соработка во рамките на овој проект. Благодарност упати и до извонредните експерти од Symfonica и Brainster, кои се автори на оваа извонредна работа, како и до Амбасадата на Швајцарија, за нивната безрезервна поддршка во изградбата на едно модерно Собрание.

-Сепак, ова го гледам само како почеток. Во својство на претседател на Собранието, ве уверувам дека ова Собрание ќе стане сè потранспарентно, подостапно и поодговорно. Иако ова е мојата прва година на оваа функција, мојата заложба е целосна и искрена – да создадеме Собрание кое навистина ќе биде дом за сите граѓани. Затоа, нека овие две платформи бидат првиот чекор кон едно посилно и подоверливо Собрание, истакна Гаши.

На крајот од своето обраќање Гаши посочи дека транспарентноста е темелот на довербата, а довербата е темелот на едно силно, почитувано и достоинствено Собрание. Затоа, како што додаде „транспарентноста е нашата визија, а дигиталната трансформација е нашата мисија за таа визија да стане реалност“. 

15.05.2025 - 13:12

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега