Филков: Јавното обвинителство повеќе нема да биде „затворена кутија“ зад која се кријат одлуки

 

Министерот за правда Игор Филков во Интервју за МИА првата година од мандатот ја оценува како директна борба за враќање на основната функција на Министерството – да служи на правдата и на граѓаните.

Реформите вели дека ќе се случат, не поради тоа што некој од надвор така бара, туку затоа што граѓаните го заслужуваат тоа, нагласувајќи дека тоа значи крај на заштитени привилегии и почеток на вистинска правна еднаквост.

,, Динамиката на спроведување на реформите е интензивна, фокусирана и целосно усогласена со обврските што ги имаме преземено во рамките на Планот за раст на Западен Балкан. Свесни сме дека ова не е само технички процес, туку и стратешки момент за државата. Овие реформи значат конкретни бенефити за граѓаните –  владеење на правото, поефикасна и праведна правда, и посилни институции. Имаме политичка волја и јасна цел – да го испорачаме она што е договорено и потребно. Роковите ги следиме дисциплинирано. Од 8 закони од Реформската агенда со рок до јуни 2025 година, 5 се испратени до Влада, а останатите се во финална фаза. Законот за Судскиот совет е во завршна фаза и очекувам да биде усвоен до крајот на месецот, како што и беше предвидено. Ова е клучен чекор за зајакнување на независноста и транспарентноста во судството. До крајот на годината не чека уште една важна задача – носењето на новиот Кривичен законик. Тоа не е само усогласување со европските стандарди, туку суштинска правна реформа која ќе ја модернизира казнената политика и ќе даде јасен одговор на организираниот криминал и корупцијата. Конечно ќе има јасни, остри и применливи одредби против корупцијата, злоупотребата на функција, организираниот криминал. Јас верувам во институциите и во нашиот капацитет да го испорачаме ова. Реформите не се само формалност – тие се одраз на нашата политичка волја, одговорност и визија за праведно општество“,потенцира Филков.

Што се однесува на Законот за Јавно обвинителство, тој е веќе подготвен, рокот за негово носење е декември.

,,Таму правиме клучен чекор. Јавното обвинителство повеќе нема да биде „затворена кутија“ зад која се кријат одлуки без објаснување. Новиот закон ќе обезбеди отчетност, засилена контрола од јавноста, како и рамнотежа меѓу хиерархијата и професионалната слобода. Не сакаме обвинителство што калкулира, туку што постапува. Воведуваме систем за редовна и објективна евалуација на обвинителите, како и јасна линија на одговорност. И во овој закон, внимателно ги вградивме речиси сите клучни забелешки од Оценската мисија. 

Мојата цел е едноставна: да го вратиме правосудниот систем кај граѓаните. И токму преку овие закони почнуваме со тоа – со институции што се отчетни, професионални и неподложни на влијанија,”вели Филков.

Во интервјуто за МИА, министерот Филков се осврнува и на измените на Изборниот законик, барањата за екстрадиции, ресурсите во правосудството , дигитализацијата, примената на алките и др.

22.06.2025 - 11:21

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега