Филипче ја осуди изјавата на бугарскиот министер: Никој не смее да ги навредува нашите институции

 

Филипче ја осуди изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи кој го нарече Мицкоски „северномакедонски“ премиер, истакнувајќи дека такви изјави не се во духот на демократијата и добрососедството. „Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи,“ рече Филипче.
 
Тој потсети дека вакви провокации не се новост и дека македонската дипломатија има искуство и капацитет да се справи со нив. „Многу пати наназад, во изминатите години и децении од нашата самостојност, сме се сретнувале со такви ситуации – луѓе кои не негирале, луѓе кои не провоцирале – и тоа трае уште од деведесеттите години наваму, и тука до израз доаѓа умешноста на дипломатијата,“ додаде тој.
 
Филипче потсети и на пример од деведесеттите, кога тогашниот претседател Бранко Црвенковски бил омаловажуван од меѓународни претставници, но одговорот бил работа и трпение. „Еве ќе се вратам во деведесеттите години – да потсетам, во времето на тогашниот претседател Бранко Црвенковски, претседател на Социјалистичката интернационала, Пјер Моро му кажал: ‘Не може секое племе на Балканот да има држава.’ Но, тука не треба да се нервира човек, туку треба да се работи. Ние сега сме држава, членка на НАТО,“ објасни Филипче.
 
Истакна дека со истата дипломатија и трпение се избориле и договорите со Грција и Бугарија, во кои биле заштитени македонскиот јазик и идентитет, како и поддршката од Бундестагот во 2023 година. „Ние со провокации од Бугарија сме се среќавале и порано. Бугарите не се различни од лани до сега. И во наше време, кога ги преговаравме договорите со Грција и со Бугарија, имаше луѓе кои што провоцираа, па успеавме во договорите да стои чист македонски јазик. Значи, умешноста на дипломатијата се гледа тука,“ рече Филипче.
 
Тој подвлече дека вистинскиот одговор на ваквите ситуации не се драматични изјави и конфронтации, туку сериозна и решителна дипломатска борба. „Дипломатијата мора да се користи со цел да го извлечеме најдоброто за земјата. Да водиме напред, да ги отвориме преговорите – тоа е единствената иднина за земјата. Тоа сите го знаат. Меѓутоа, тоа не бара ниту нервоза, не бара ниту патетика, не бара ниту патетични прес-конференции. Тоа бара сериозна борба. Тоа бара убедување и борба,“ порача Филипче.

 

На крајот, тој предупреди дека повлекувањето од постоечките договори би било штетно за државата и дека тие треба да се користат како основа за натамошно градење на добрососедските односи. „Сметам дека не треба да се повлекуваме од договорите. Договорите се прават за да служат, да некои односи се надградуваат во духот на добрососедството, во духот на Копенхашките критериуми, во духот на Европа. Ништо нема да направиме ако се повлечеме од некој. Добро, треба да бидеме принципијални, да бидеме коректни. Нека гледа Европа ако има провокатори од другата страна. Наше ни е да покажеме дипломатско, фер добрососедско однесување,“ заврши Филипче.
10.07.2025 - 14:14

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега