Британците во Пехчево: Нивната експертиза ја пренесуваат на нашите пожарникари

 

Сертифицирани инструктори од Велика Британија, три дена ќе ги обучуваат членовите на Доброволното противпожарно друштво ,,Пехчево". Обуката ја спроведува тим од организацијата "Операција Флоријан" од Велика Британија, која е добро позната во Источниот регион по неколку десетина донации во возила и опрема за противпожарните служби.

-Денеска е прв ден на тридневната обука на членовите на Доброволното противпожарно друштво од Пехчево, која ја спроведува тимот од оваа организација од Велика Британија. Овој пат британскиот тим волонтери, предводен од проектниот раководител Стив Џордан, дојде во Пехчево да обезбедат обука за членовите на ДПД Пехчево за ефикасно справување со пожари и други катастрофи, информираше Марјан Митриновски, член на ДПД Пехчево.

Тој заедно со неговите колеги очекува збогатување на искуствата во поглед на поефкасни дејствување во случај на пожари.

-Се работи за волонтери од сите нивоа на противпожарната и спасувачка служба на Обединетото Кралство и други организации за итна поддршка. Сите тие имаат богато искуство и експертиза, која се надеваме и тоа како ќе ни биде од полза, додаде Митриновски.

Обуката се реализира по потпишаниот Меморандум на Општина Пехчево и претставници од Операција Флоријан, кои претходно на единицата од Пехчево и донираа противпожарно возило.

03.06.2025 - 16:48

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега