Алармантни податоци: 53% од девојчињата и 19% од момчињата на возраст на 15 години имаат депресивно расположение
Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА алармира на загрижувачките бројки за менталното здравје на младите. Според ХБСЦ студијата, повеќе од половина од девојчињата (53%) и речиси една петтина од момчињата (19%) на 15-годишна возраст доживуваат депресивно расположение. Причините се поврзани со врсничко насилство, исклучување, онлајн малтретирање и други социјални притисоци.
„Врсничкото насилство остава длабоки последици врз менталното здравје на младите. Сè почесто гледаме случаи на анксиозност, депресија и изолираност кај децата и адолесцентите. Менталното здравје не е луксуз, туку право на секое дете. Апелираме – молкот не е одговор, споделете и побарајте помош,“ велат од ХЕРА.
Со цел да одговорат на овие предизвици, ХЕРА во соработка со Општина Центар овозможува бесплатни услуги за психосоцијална поддршка, професионални советувања за ментално здравје, како и превенција и заштита од насилство. Услугите се достапни за ученици, млади, родители и наставници секој работен ден со претходно закажан термин.
Во чест на 25-годишнината на ХЕРА, на ѕидот на ООУ „Кочо Рацин“ во Центар беше изработен и мурал од уметникот Ненад Тонкин. Муралот симболизира охрабрување, поддршка и солидарност во борбата против врсничко и семејно насилство и содржи контакт телефон за помош и советување.
Психотерапевтката Ана Попризова посочи дека училиштата често немаат доволно ресурси за терапевтска интервенција и дека советувалиштата на ХЕРА се клучна поддршка. „Нашата цел е да создадеме безбедна и поддржувачка средина во која младите ќе можат да ги развијат своите потенцијали,“ додаде директорката на училиштето, Гордана Јаневска.
ХЕРА најави дека ќе продолжи со активности за унапредување на менталното здравје и борба против насилството, преку соработка со локалните заедници и институциите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа