За што е осомничен Јахоски - Газдата на „Пуцко Петрол“ кој доби времен пасош?
Газдата на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски деновиве е во центарот на вниманието откако доби времен пасош за патување во Турција, каде славел матура на роднина.
Јахоски е осомничен во рамки на истрагата со која се опфатени сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство. ОЈО за ГОКК истражува можни злоупотреби во набавките за мазут за ТЕЦ Неготино вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза.
Според МВР, времената патна исправа на газдата на „Пуцко Петрол“ му е издаден по одлука на Апелација. Второстепениот суд одлуката ја донел во петокот, а веќе во саботата тој заминал за Турција.
-Лицето за кое прашувате остварило излез од Република Северна Македонија на Граничен премин Богородица на 30.05.2025, а се вратило во државата на 02.06.2025 преку Граничен премин Богородица. Имено лицето извршило излез од државата со патна исправа со ограничен рок на важење издадена од МВР по претходно донесено Решение КСЖ бр. 540/25 од 29.05.2025 на Апелационен суд со кое се дава согласност на лицето А.Ј. да му се издаде патна исправа со ограничен рок на важење, велат од МВР.
Посоченото решение од МВР се уште не е заведено во системот на судот и не може да се прочита точната одлука. Но, од Апелација за Сител со појаснување. Јахоски барањето го поднел на 12 мај во Кривичен. Кривичен го одбил, па Апелација одржала седница на 29-ти.
-Постапувајќи по жалба на осомничениот, истата делумно ја уважил на начин што дадена е согласност за издавање нова патна исправа на осомничениот Асмир Јахоски, но со ограничен рок на важење од 6-шест месеци сметано од денот на издавање. При одлучувањето земен е предвид предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да се дозволи издавање на времена патна исправа, како и мислењето на Вишото јавно обвинителство да се уважи жалбата на осомничениот и издаде времена патна исправа, велат од Апелација појаснувајќи дека мерките на претпазливост кои беа донесени претходно се уште се во сила.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа