Вајц открива: Бугари ми се закануваа по живот поради Извештајот - правеа напори да ме сменат

 

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, откри дека претрпел сериозни притисоци и валкана кампања додека работел на извештајот за напредокот на земјата.

Во интервју за Канал 5, тој откри дека поради неговата работа, бил мета на екстремно десничарски групи на Телеграм, каде бил споделен неговиот телефонски број. „Добивав закани по живот, а тоа продолжи и по гласањето на извештајот“, рече Вајц.
Тој посочи дека целата ситуација дополнително ескалирала и во Бугарија, а потврди и дека бугарски европратеници се обиделе да го отстранат од позицијата известувач.

„Имаше кампања против мене дека сум корумпиран, дека сум пристрасен… Ми замеруваа што сум разговарал со македонски соработници. А јас им велев: ‘Извинете, но ова е извештај на ЕУ за Северна Македонија – со кој друг да разговарам?’“, рече Вајц, коментирајќи ја ситуацијата со доза иронија.

Вајц нагласи дека извештајот бил долг и тежок процес, особено затоа што за земјата немало подготвен извештај уште од 2022 година.

„За жал, бугарски европратеници се обидоа да го блокираат целиот извештај. Нивната главна цел беше тој воопшто да не се изгласа. Единствената измена што се бараше беше бришење на деловите во кои се признава македонскиот идентитет и јазик“, изјави Вајц.

На прашањето зошто воопшто се споменуваат идентитетот и јазикот во еден ваков документ, тој беше дециден: „Не е пракса јазикот и идентитетот на земја-кандидат да се преиспитуваат од никого“.

Укажувајќи на тоа дека сепак извештајот е изгласан, Вајц истакна дека тоа е јасен сигнал дека Европската Унија останува посветена на поддршката на Македонија на нејзиниот пат кон членство.

„Мислам дека овој извештај не нуди никаква причина да не се спроведат уставните измени. Тоа е договор што Северна Македонија го има потпишано со ЕУ – дека овие измени ќе се направат. А веднаш потоа, ќе почнеме со вистински пристапни преговори“, рече Вајц, додавајќи дека овој процес не треба да се злоупотребува за негово блокирање.

15.07.2025 - 11:09

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега