УЈП и турската даночна администрација ќе соработуваат за контрола на даночни ризици

 


Директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова, која е дел од македонската делегација предводена од министерката за финансии која е во посета на Турција, остварила серија средби со претставници на турската Влада, Министерството за трезор и финансии и даночната администрација на Турција.

На средбата со министерот за трезор и финансии Мехмет Шимшек и директорот на турската даночна администрација Бекир Бајракдар била договорена нституционална соработка меѓу двете даночни администрации во насока на размена на информации за даночни ризици и заеднички даночни контроли.

Утврдена била потребата за идна соработка преку размена на добри практики и знаења, особено во доменот на дигитализацијата на даночните процеси и поддршка при јакнење на институционалните капацитети преку обуки и техничка соработка.

Директорката на УЈП истакнала дека соработката меѓу двете даночни администрации ќе овозможи продлабочување на соработката меѓу земјите со цел следење на даночните предизвици во глобално поврзаната економија.

- Длабоко веруваме дека во денешниот глобален економски амбиент клучна е блиската и координирана соработка помеѓу даночните администрации. Само преку размена на релевантни податоци, заеднички контроли и институционална поддршка можеме ефикасно да го заштитиме даночниот систем од злоупотреби и истовремено да изградиме предвидлива и правична средина за сите обврзници. Договорената рамка на соработка со турските институции претставува значаен чекор за заштита на даночните приходи на двете земји и заедничката борба против даночната евазија, истакнала Петрова.

Делегацијата остварила средба и со турскиот министер за трговија Омер Болат, при што било разговарано за обновување на меѓусебните договори согласно новите стандарди, како чекор кон унапредување на економските односи, привлекување инвестиции и зголемување на трговската размена. 

Македонската делегација учествувала на Евроазискиот економски самит во Истанбул, каде обраќање имала министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која посочила дека како мала и отворена економија, силно ги чувствуваме глобалните економски случувања, особено оние во Европа, и затоа политиките на Владата се насочени кон краткорочна поддршка на домашната економија со цел ублажување на надворешните влијанија и зголемување на нејзината конкурентност. Министерката Димитриеска-Кочоска нагласила дека негуваме пријателски односи со Турција, која, како што потенцирала, е значаен поддржувач на реформските процеси што водат кон стабилен и одржлив економски просперитет. 

07.05.2025 - 16:20

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега