Системот за заштита на жени жртви на е нефункционален, констатира Државната Ревизија

 

Мерките и активностите на институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство. Системот за заштита е сè уште недоволно развиен, а бројките за жртви и сторители на кривични прекршочни дела во врска со семејно насилство покажуваат загрижувачки континуитет, без подобрување на состојбата. Во 2023 година, мажите биле десетпати повеќе сторители на кривични дела од жените, додека жените жртви биле четири пати повеќе од мажите. Оваа состојба укажува дека обврските од Истанбулската конвенција остануваат неисполнети, се вели во ревизијата на успешност на тема „Имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство (Истанбулската конвенција) со посебен осврт на преземените мерки и активности од надлежните институции за  обезбедување на ефективни специјализирани услуги за поддршка и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство. 

Како што соопштија денеска од ДЗР, врз основа на добиените податоци и извршените анализи, со ревизијата стекнато било разумно уверување дека мерките и активностите не се доволно ефективни за превенција, поддршка, заштита и целосна реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство.

-Истанбулската конвенција е потпишана во 2011 година, а ратификувана во 2017 година, по што е донесен Акциски план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и домашно насилство за периодот 2018 – 2023 година со кои се предвидени  52 активности. Утврдивме дека предвидените активности не се реализирани во целост, односно   реализирани се 22 активности, 20 не се реализирани, додека 10 се делумно реализирани. Утврдивме дека за периодот по 2023 година не е донесена Национална стратегија за спречување и заштита од насилство, ниту се усвоени сите подзаконски акти предвидени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, се вели во соопштението од ДЗР.

Ревизијата покажала дека програмата за реинтеграција на жртвите донесена од министерот за социјална политика, демографија и млади е општа, нема утврдено период за кој се однесува ниту има утврдени јасни цели со мерливи индикатори кои треба да се остварат, што создава ризик за евалуација на нејзината имплементација и постигнување резултати.

-Во февруари 2023 година, Кривичниот законик беше усогласен со Истанбулската конвенција, со што се криминализира родово базираното и семејното насилство, се зголемија казните за сексуално насилство, се прошири дефиницијата за семејно насилство, а фемицидот се третира како квалификуван облик на убиство. Иако ова претставува значаен напредок, остануваат предизвици, како: недоволно вклучување на граѓанскиот сектор, недоволна криминализација на психичкото насилство и фактот што гонењето за телесна повреда сè уште се врши по предлог на жртвата, што ја нарушува ефикасноста на заштитата и го намалува објективното гонење на сторителите поради влијанието и притисокот врз жртвите. Во Центрите за социјална работа не е направена планираната реорганизација поради отсуство на функционална анализа и стандардизирани процедури, а истите се соочуваат со недостиг на кадар. Дополнително, дел од здруженијата кои даваат специјализирани услуги не се лиценцирани, а не постои уреден систем за лиценцирање на СОС линиите, велат од Државниот завод а ревизија.

Резултатите од ревизијата укажуваат и дека бројот и територијалната распределеност на засолништата и советувалиштата не одговара на стандардите утврдени со Конвенцијата, а дел од постојните објекти не ги исполнуваат условите во однос на локација, опрема, простор и кадар, состојба која не овозможува ефикасна заштита на жртвите.  

21.08.2025 - 10:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега