Расправата за ребалансот продолжува утре
Расправата за ребалансот на Буџетот продолжува утре во матичната Комисија за финансирање и буџет. Денеска на првиот ден од расправата, пратениците од власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за тоа кој повеќе направил на економски план за државата. За пратениците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот е реален и гарантира економски раст и подобрување на животниот стандард, а за опозицијата е доказ дека е направена краткорочна политичка пресметка и серија популистички мерки.
Според пратеникот Александар Јамалов од ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот создава економски можности, а гласањето за него е поддршка за стабилноста, развојот и правичноста.
Јамалов посочи дека е подобрена наплатата, зголемени се даночните приходи, социјалните трасфери, буџетскиот дефицит е намален, а има и зголемено отплаќање на старите долгови.
– Овој ребаланс е доказ дека знаеме каде одиме. Гласањето за ребалансот е поддршка за стабилноста, развојот и правичноста, рече Јамалов.
Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ во реплика на Јамалов потсети дека ребалансот се прави на буџет којшто е креиран од страна на актуелната власт и дека е доказ оти се направени лоши проекции.
– Неспорно е дека ребалансот ќе биде изгласан, но заборавате една суштинска разлика – овој ребаланс е направен на ваш буџет, а заклучокот е дека сте имале лоши проекции претходно. Сте направиле промашување, реалноста е таа. Нема оправдание што било и како било, 365 дена веќе имате Влада, наше е да ве крититуваме, а ваше е да се браните, но бидејќи немате аргументи сега, ќе се навраќате кон нешто што не е суштинско за ребаланс, рече Битиќи.
Вкупните приходи во ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот на 2025 година според проекциите на Владата ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на нивото од 62,1 процент. Стапката на невработеност се очекува да се намали на ниво до 11,1 проценти во 2025 година, а стапката на вработеност да достигне 47 проценти.
За ребалансот поднесени се над 200 амандмани, од кои 160 од опозициската СДСМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа