Премиерот: Стратешкото партнерство со ОК носи бенефит за граѓаните
Денес при посетата на тренинг центарот во Идризово, каде што беше промовиран новиот пристап за третман на лица прекршители на законите, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски даде изјава и во врска со историскиот договор за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
„Првата причина е стратешка и политичка. Колку повеќе стратешки договори и вакви партнерства имаме со големи и значајни светски фактори, како што е Обединетото Кралство, толку подолгорочна ќе биде стабилноста и перспективата на Македонија како држава, но и на граѓаните. Јас на овој договор гледам како на чекор напред во таа насока. Убеден сум дека ваквиот вид пријателство и партнерство може да донесе само добри работи за граѓаните.“, изјави премиерот Мицкоски.
„Во економска смисла- тоа е втората причина- веќе споменавме дека имаме рамка со која ни се ставаат на располагање околу 6 милијарди евра, или околу 5 милијарди фунти. Станува збор за два типа на проекти кои се договорени за работа.
Првиот е реконструкција, модернизација и изградба на уште еден колосек на пругата што е дел од Коридорот 10, на потегот од Табановце до Гевгелија.
Втората група проекти се поврзани со здравството: конечно завршување на Клиничкиот центар Штип, заедно со Медицинскиот факултет и студентскиот дом со 200 легла, завршување на здравствената установа во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово.“
„Продолжуваме и понатаму да ја искористуваме рамката што ни стои на располагање. Тука, секако, спаѓаат проекти од енергетиката, проекти особено од транспортот, како и проекти од областа на медицината и здравството.“, истакна Мицкоски.
„Можно е, во догледно време, доколку сè функционира на начинот на којшто очекуваме, да биде изграден и големиот клинички центар во Скопје . Така што, придобивките ќе се мултиплицираат, и јас сум убеден дека како држава сме на прагот на еден трансформационен период.
Станува збор за трансформациони проекти кои што имаат за цел да додадат вредност- не само во квалитетот на живот на граѓаните тука, туку и генерално во македонската економија.“, дециден е премиерот Мицкоски.
Во престојните денови ќе биде остварена и посета на Лондон каде високи делегации од двете влади ќе потпишат договор.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа