Пановски: Мерките да се олабават заради економијата, со вирусот треба да научиме да живееме

 

Сите рестриктивни мерки за заштита од коронавирусот дадоа добри резултати. Мерките мора да останат во сила се додека не сме сцелосно сигурни дека состојбата е под контрола и дека сме го поминале пикот на болеста. Сепак, најновите анализи и проекции покажуваат дека се создадени услови за благо релаксирање на рестрикциите за движење, но на сметка на подигнување на мерките на лична заштита и согласно овие анализи Министерството за здравство и Комиисјата доставија до Владата предлог – измени во мерките за ограничување на движењето и воведување нови мерки за лична заштита на населението, истакна на онлајн прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Оваа комбинација на мерки, посочи, ќе дозволи луѓето порастеретено да се движат, истовремено зголемувајќи ја потребата за лична заштитна опрема на секој граѓанин додека се движи.

– Согласно тоа, предлогот е да се направат следните измени: полицискиот час секој работен ден да започнува во 19 часот наместо во 16 часот како што беше досега. Со ова ќе се добијат дополнителни часови граѓаните да ги завршат обврските и да набават намирници, за повозрасните граѓани наместо од 10 до 12 часот да продолжи времето на движење од 8 часот до 12 часот, продолжување на периодот во кој се движат младите до 18 години и тоа ќе биде од 13 до 16 часот. Предлог е полицискиот час за време на викендот да остане, но со скратено време и сега да почне во сабота во 13 часот и да заврши во понеделник во 5 часот. Останува забраната за групирање на граѓаните и сите други мерки кои се во сила во однос на физичката дистанца, користењето на јавните површини и парковите, рече Филипче.

За мерката намалување на полицискиот час, доктор Никола Пановски за Слободен печат вели дека е издржана бидејќи на прсти би можеле да се избројат земјите кои воведоа полициски час поради коронавирусот.

– Да во ред е оваа мерка бидејќи досегашната беше премногу рестриктивна. Полициски час од 16 часот мислам дека доведе до поголем ризик од ширење на болеста отколку тој да почнува од 19 часот. За толку кратко време луѓето мораа да завршат многу неодложни работи. Го поддржувам олабавувањето на мерките, така што според мене полицикиот час треба да се скрати веднаш и тој да почнува, не од 19, туку од 21 часот. Полицискиот час треба да се скрати и за време на викендите, да почнува од 16 часот – вели Пановски.

Според него, рестриктивните мерки мора да се намалат бидејќи тие економски се неиздржливи.

– Не мислам дека вирусот е победен, нема ниту пик, нема ниту драстично намалување на бројките на починати или пак заразени од коронавирусот. Тоа го покажуваат статистиките и во Европа и во Америка. Така што т.н. „намалување на бројките“ сега е претворање на поразот во победа. Се гледа дека со овие мерки се успорува ширењто на вирусот, но дека вирусот не се победува. Така што не може рестриктивните мерки вечно да траат. Ние треба да се навикнеме да живееме нормално со вирусот – подолго врме. Не знам колку е нормално да се живее со маски, но сепак е подобро од затворањето дома, особено за економијата, вели Пановски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.04.2020 - 16:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега