Детектор анкета: Две третини од граѓаните бараат графа за националност во пописот
Две третини од граѓаните сметаат дека во идниот попис треба да остане можноста граѓаните да ја искажуваат својата национална припадност, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, ваков став имаат 74,8% од анкетираните додека само 14,1% сметаат дека графа за национална припадност не треба да има.
Мнозинството граѓани сметаат дека пописот е повеќе политичка отколку статистичка операција. Ваков став имаат 56,2% од анкетираните, додека 24,9% се на ставот дека тоа е пред се статистичка операција.
Повеќе од половина од анкетираните или 50,4% сметаат дека граѓаните кои живеат надвор од Македонија, согласно препораките на ЕУРОСТАТ не треба да бидат попишувани, додека 33,5% сметаат дека и тие треба да бидат дел од пописот.
Интересни се бројките според етничката структура на испитаниците.
Против попис на оние кои повеќе од 1 година се надвор од земјава се 62,5% етнички Македонци и само 8,8% етнички Албанци. За попишување на граѓаните кои повеќе од 12 месеци се иселени од Македонија се определиле 26,6% етнички Македонци и 60,2% етнички Албанци.
Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје преку телефонска анкета во периодот од 10 до 13 февруари оваа година врз репрезентативен примерок од 1104 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3%.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа