Инспектори во вонреден надзор ќе утврдат дали има одговорност кај Димитриевски или некој друг
Во рамки на своите надлежности, ДСЗИ ќе направи увид секаде каде што е потребно, изјави за „360 степени“ директорката на Инспекторатот откако министерот за здравство, прашан дали ќе бара одговорност за тоа што кумановскиот градоначалник не ги информирал дека се тестирал за коронавирус, случајот им го препушти на инспекторите
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) почнува вонреден инспекциски увид за да утврди евентуална одговорност за случајот во Куманово.
Ваков одговор добивме од ДСЗИ денеска откако синоќа министерот за здравство Венко Филипче рече дека остава на инспекторатот да утврди дали има одговорност кај градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, бидејќи на средбата со владините претставници во средата не кажал дека бил тестиран за коронавирус.
„ДСЗИ со вонреден инспекциски надзор утврдува дали има одговорност за случајот со Куманово. Во рамки на своите надлежности, Инспекторатот ќе направи увид секаде каде што е потребно. Меѓутоа, многу е рано да зборуваме за исходот или за тоа кога може да се заврши увидот“, одговори директорката на ДСЗИ, Иринка Сотирова Бухова, на прашањето на „360 степени“ дали е почнат увид по вчерашните случувања и одговорот на министерот дека остава на оваа институција да направи соодветен увид.
Прашањето дали има одговорност кај Димитриевски се покрена вчера откако тој доби позитивен резултат на тестот за ковид-19, а ден претходно на состанок во Куманово беа премиерот и уште тројца министри кои не знаеле дека градоначалникот се тестирал.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа