Голема акција: Падна познат скопски бизнисмен од градежниот сектор
Финансиската полиција по неколку месечна истрага успеа да разбие уште една, овојпат шест члена група, осомничена дека со финансиски криминал успеала да заработи нешто повеќе од 335.000 евра.
Против шесте осомичени лица во текот на денот до Основното јавно обвинителство во Скопје, поднесена е кривична пријава за сторени повеќе кривични дела и тоа: „Измама“, „Даночно затајување“, „Фалсификување или уништување на деловни книги“, „Помагање“ и кривично дело „Поттикнување“.
-Според податоците од истрагата, првопријавениот Б.А сопственик и управител на Друштвото за градежништво, трговија и услуги БАС ПРОЕКТ ДООЕЛ експорт-импорт од Скопје, со намера да се стекне со противправна имотна корист, во текот на 2013 година искажал и доставил невистинити податоци во ДДВ пријавата за влезниот промет каде за наводно извршени набавки на стоки и услуги искористил фалсификувани влезни фактури од правните лица ПРОФЕСИОНАЛ ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје и ЦУЗО-ЕС ДООЕЛ увоз-извоз Батинци. Во оваа активност првопријавеиот добил логистика од второпријавениот И.И и четвртопријавениот С.Е кои му помогнале на Б.А да ги доведе во заблуда службените лица задолжени за контрола на повратот на ДДВ при што успеал да наплати 64.000 евра поврат на ДДВ од Буџетот на Република Македонија, соопштуваат од Финансиската полиција.
Првопријавениот Б.А помогнат од И.И за даночниот период 01.04.2013-30.06.2013 година евидентирал во сметководствената евиденција на правниот субјект БАС Проект ДООЕЛ од Скопје, фиктивни влезни фактури од правното лице ПРОФЕСИОНАЛ ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје управувано од второпријавениот И.И, врз основа на кои за даночниот период 01.04.2013-30.06.2013 до Управата за јавни приходи во ДДВ пријавата искажал лажни податоци и извршил неоснована одбивка на ДДВ во износ од 7.700 евра.
Б.А во периодот август-декември 2013 година помогнат од И.С искористил и влезни фактури за наводно извршени услуги од правното лице ЕЛЕКТРО ДИЗАЈН СТС ДООЕЛ увоз-извоз с.Студеничани. Со помош на овие лажни фактури првопријавениот го оштетил Буџетот на Република Македонија за дополнителни 20.000 по основ на ДДВ, а како резултат на прикажаните нереални трошоци во завршната сметка на фирмата за 2013 година, дополнитено затаил 11.000 евра Данок на добивка.
-И.И во својство на сопственик и управител на правното лице ПРОФЕСИОНАЛ ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје, со намера да се стекне со противправна имотна корист во текот на 2012 година искажал и доставил невистинити податоци во ДДВ пријавата за период 01.07.2012-30.09.2012 година за влезниот и излезниот промет на правното лице ПРОФЕСИОНАЛ ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје со што успеал да ги доведе во заблуда службените лица задолжени за контрола на повратот на ДДВ и притоа инкасирал од државниот буџет сума од 83.000 евра. Парите добиени од неоснованиот поврат за ДДВ, второпријавениот И.И дел ги подигнал во готово од банкарската сметка на правното лице, а останатите ги префрлил на трансакциски сметки на други физички лица од каде потоа паричните средства се подигнати во готово и истите се користени за различни намени. Во период од 2010 до 2013 година второпријавениот И.И, првопријавениот Б.А и шестопријавениот Р.И од сметката на ПРОФЕСИОНАЛ ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје подигнале 192.000 евра за наводни материјални трошоци, патни трошоци и теренски трошоци а парите ги користеле за лични потреби со што второпријавениот сторил кривично дело „Даночно затајување“ бидејќи не пресметал и не уплатил персонален данок од доход по пресметковна стапка од 11,11% во износ од 22.000 евра, се вели во соопштението.
Третопријавениот Џ.С во својство на сопственик и управител на правното лице ЏИГИЕЛЕКТРИК-ЏС ДООЕЛ увоз извоз од с.Батинци, со намера да се стекне со противправна имотна корист, во текот на 2013 година искажал и доставил до УЈП невистинити податоци во ДДВ пријавата за период 01.01.2012-31.12.2012 година за влезниот и излезниот промет на правното лице ЏИГИЕЛЕКТРИК-ЏС ДООЕЛ увоз извоз с.Батинци. Како резултат на оваа измама, пријавениот од Буџетот на Република Македонија си подигнал по основ поврат на ДДВ вкупно 125.000 евра од кои дел подигнал во готово од банкарската сметка на правното лице, а останатите парични средства ги префрлил на трансакциски сметки на други физички лица од кои ги ваделе во кеш.
Во периодот 2012-2013 година третопријавениот Џ.С од банкарската сметка на правното лице ЕЛЕКТРО ДИЗАЈН СТС ДООЕЛ неосновано подигал парични средства на име материјални трошоци со што затаил 5.000 евра Персонален данок на доход.
Финансискиот криминал кој го вршела оваа група осомничени се проценува на сума од над 335.000 евра, за кој износ е оштетен Буџетот на Република Македонија.
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа