Муцунски во Париз: Франција останува силен поддржувач на евроинтеграциите на Македонија

 


Заедничко задоволство од континуираниот развој на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, со јасна определба за понатамошно продлабочување на соработката на политичко и економско ниво, било изразено на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски со францускиот министер за Европа и надворешни работи на Француската Република, Жан-Ноел Баро.

На средбата, што се одржа во рамки на посетата на Муцунски во Париз, особен акцент бил ставен на унапредување на партнерствата помеѓу владите и бизнис-заедниците на двете земји.

-Министерот Муцунски упати искрена благодарност за брзата и принципиелна поддршка од Франција по трагедијата во Кочани, како и за доследната и силна поддршка од француската Влада за европската интеграција на Северна Македонија. Министерот Баро го реафирмираше ставот дека Франција ќе продолжи да биде гласен поддржувач на проширувањето на Европската Унија и активно ќе придонесува кон остварување на стратешката цел – полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, информираат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Во рамки на посетата, министерот Муцунски остварил и работна средба со Бенџамин Хадад, министер делегиран за Европа. Разговорите биле фокусирани на напредокот на земјата на патот кон ЕУ, актуелната политичка состојба во регионот, како и на значењето на придонесот на Северна Македонија кон регионалната стабилност и соработка.

05.06.2025 - 14:45

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега