Костадинов: Го замрзнувам членството во СДСМ - со среќа да победите барем во една општина

 
Откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче објави дека кандидатотот на социјалдемократите нема да биде актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин се огласи на социјалните мрежи. Напиша дека го замрзнува неговото членство во партијата, но им посака како што напиша да победат „барем во една општина“ на претстојните локални избори.
„Драги струмичани и струмичанки,
Мои пријатели, соседи, роднини,соработници
Мои сограѓани со кои ги делам деновите, улиците, битките и соништата…
Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што и е местото, најмалку каде што е сега.
Ова не е крај.
Ова е моментот кога човекот мора да зборува чесно, и од срце.
Во изминатите 11 години, од 2013 наваму, не изгубив ниту едни избори.
Не затоа што бев најгласниот. Не затоа што бев најсилно партиски поддржан.
Туку затоа што луѓето гледаа нешто друго во мене: работа, доследност и љубов кон градот.
Јас не сум случаен градоначалник. Јас сум дете на оваа земја, на оваа улица, на овој пазар.
Секој проект, секој парк, секоја пешачка патека – ги градев како да ги правам за моето семејство.
Затоа не победував јас – победуваше Струмица.
Ова не е крај. Ова е гест.
Гест на зрелост, на чесност, на демократија.
Да се повлечеш кога си најсилен – е најголема храброст.
Струмица ќе продолжи. Ќе свети. Ќе победува.
Дури и без мене како носител.
Затоа што визијата не е човек. Визијата е градот.
Со гордост, љубов и вечна благодарност,
Костадин Костадинов
(Политичар кој не изгуби избори – и реши да се повлече)
пс. Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела.
Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори, напиша Костадинов на ФБ.

02.07.2025 - 20:29

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега