Димковски: Со 10 денари за откуп на пченица ВМРО-ДПМНЕ го закопа македонското земјоделство
„Се случува хаос во земјоделството, земјоделците се оставени сами на себе едвај да преживуваат во тешки услови“, изјави денеска Трајан Димковски, претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ. Тој остро ја критикуваше Владата и министерот Цветан Трипуновски, обвинувајќи ги дека „ниту знаат, ниту имаат капацитет да креираат вистински политики за развој на земјоделството.“
Димковски потсети дека ВМРО-ДПМНЕ „лажеа пред избори дека ќе донесат нови мерки, дека ќе има повеќе пари за субвенции“. Меѓутоа, реалноста на терен, според него, е сè посурова, а македонското земјоделство тоне секој ден.
Како клучен проблем го посочи драстичниот пад на откупната цена на пченицата оваа година, која изнесува само 12 денари за килограм, па дури и помалку. Ова директно влијае на 25.000 земјоделци кои произведуваат пченица на 70.000 хектари.
Димковски појасни дека дури и тие 12 денари, кои Трипуновски ги претставува како висока цена, се пониски на терен. Според неговите информации, по 12 денари за килограм ќе биде откупен само еден мал дел (околу 20%), додека остатокот (околу 80%) ќе биде откупен по цена од 10 денари.
За споредба, во време на владите на СДСМ, во време на жетва пченицата се продавала и по 17 денари за килограм, и тоа не така одамна.
СДСМ, заедно со земјоделците, поднесе амандман за поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица, но „власта немаше слух“, нагласи Димковски.
Проблемот, според СДСМ, не е само со откупот на пченицата. Власта скратила 478 милиони денари за земјоделците со новиот ребаланс на буџетот.
„Од вкупниот годишен буџет за субвенции кој во моментот е 7,2 милијарди денари се крати на 6,7 милијарди денари. Само за споредба во 2024 година се исплати 8,4 милијарди денари од овие бројки се гледа дека буџетот за субвенции е намален за близу 30 милиони евра“, изјави Димковски.
Лозарите, исто така, биле „превеслани од Трипуновски“ и оваа година. Според Законот за вино, обврската на министерството е да објави производна цена најдоцна до 15 јули на двете најзастапени сорти грозје – „вранец“ и „смедеревка“. Тоа не се случило, па СДСМ го повика Трипуновски веднаш да ја објави цената.
Димковски појасни дека по објавувањето на производната цена, се формира продажна цена која треба да биде зголемена за 25% од производната.
„Очајно е тоа што оваа година Трипуновски како историска цена се обиде да ја прикажува откупната цена од 21,3 денари за вранец и 18,9 денари за смедеревка. Замислете за „историската цена“ се зборува која е зголемена само за 50 дени. Срамно и понижувачко“, заклучи Димковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа